Едно лице се здобило со сериозни повредни при вооружен инцидент што се случил претпладнево во бриселската населба Андерлехт, јави електронското издание на белгискиот весник „Соар“.
Според весникот, инцидентот се случи нешто по 9 часот во близина на трговскиот центар Вестланд, но засега нема повеќе детали за целиот настан.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, жртвата била погодена со истрели од автоматско оружје во пределот на градите и се наоѓа во критична состојба.
Градоначалникот на Андерлехт, Фабрис Камп изјави дека на местото на инцидентот биле пронајдени шест испукани чаури.
Полицијата го истражува случајот и трага по сторителот или сторителите.
Денешните пукотници следуваат по неколкумесечното затишје по серијата од најмалку шест вооружени инциденти во Андерлехт во текот на февруари, во кои беа убиени две лица, а неколкумина беа ранети.
Полицијата тогаш соопшти дека верува оти овие инциденти се поврзани со „војната за контрола на територии“ меѓу криминалните групи „Омале“ и „Петербос“, кои се вклучени во шверцот на дрога.
Засега нема сознанија дали и денешниот инцидент е дел од овие криминални пресметки.