Дел земјоделци од Прилепско денеска протестираа и бараа одговор од ЈП „Прилепско поле“ кога ќе има вода за наводување на површините, главно засадени со тутун. Земјоделците велат дека три недели, поради дефект на цевка од линијата за наводнување се без вода, токму во екот на садењето на тутунот што ќе предизвика големи штети.
-Истиот дефект беше и лани. Тогаш се случи да нема вода 10-тина дена, а сега повеќе од три недели. Кога прашавме ни рекоа дека се работи, ама проблемот е голем. Еве тутунот што е засаден пожолтува. А лушето од тоа живеат, вели земјоделецот Рубин Иваноски.
Од ЈП Водостопанство на Македонија информираат дека се работи на отстранувањето на дефектот и за околу една недела проблемот ќе се реши.
-Прво беше тешко да се пристапи до цевките од линијата кои беа премногу затрупани со градежен шут. Сега работиме на отстранувањето на дефектот и очекувам за седум дена дека ќе се нормализира линијата за наводнување, ни рече во телефонска изјава Филип Филиповски, директор на претпријатието.
Линијата која е во дефект наводнува големи површини од Прилепско поле каде главно се засадени со тутун. Расадувањето на тутунот е при крај.