Од денеска до 14 јуни во Кинотека на Македонија ќе се одржува XXV издание на „Неделата на италијанскиот филм – ITALIAN SCREENS“. Тој е организиран од италијанската амбасада во Скопје, во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград и Кинотеката на Република Северна Македонија.
Фестивалот е под покровителство на проектот ITALIAN SCREENS, проект за поддршка на интернационализацијата на италијанскиот аудиовизуелен сектор, чија цел е промовирањето на најдоброто од италијанската филмска продукција во странство и вклучува и алатки за поддршка на италијанската кинематографија како што се даночни кредити и средства за дистрибуција и копродукции.
-На овогодишното издание ќе бидат прикажани шест од најуспешните филмски остварувања на современата италијанска кинематографија. Филмовите, сите дистрибуирани помеѓу 2024 година и првите месеци на 2025 година, се учесници на престижни меѓународни фестивали и добитници на значајни награди и признанија од критиката и јавноста. Темата што совршено ги обединува насловите во програма е патувањето: интерпретирано во буквална смисла со значење на пат кон родната земја или далеку од неа – но исто така и како визуелно, внатрешно, егзистенцијално, временско или емоционално патување, велат организаторите.
Фестивалот денеска ќе го отвори „Партенопе“ (2024), најновото ремек-дело на наградуваниот Паоло Сорентино: филм кој претставува единствен склоп на поезија, носталгија и љубов кон Неапол, родниот град на режисерот.