Претставници на Општина Берово предводени од градоначалникот Звонко Пекевски се наоѓаат во студиска посета на Брно, Чешка Република каде учествувааат на URBIS – форумот за паметни градови, во рамките на Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа „Енергија, транспорт и заштита на климата (ORF-ETC)”.
Во денешната објава на фејсбук Пекевски информира дека на настанот учествуваат и делегации од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, со кои имаат можност да посетат релевантни примери на технички решенија во градови во Чешка, преку разменување и споделување искуства за одржлив и паметен урбан развој.
-Деновиве, заедно со раководителот на одделението за локален економски развој, сме во студиска посета во Брно- Чешка Република, каде што, присуствуваме на URBIS – форум за паметни градови, во рамките на Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа „Енергија, транспорт и заштита на климата (ORF-ETC)”, поддржан и организиран во соработка со Министерството за индустрија и трговија на Чешката Република, имплементиран од GIZ, а кофинансиран од Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ) и Европската Унија (ЕУ). Проектот ORF-ETC, има за цел да ја поддржи енергетската транзиција, заштитата на климата и одржливата урбана мобилност во Западен Балкан и да го олеснува развојот на планови за одржлива енергија и клима, преку имплементација на инфраструктурни проекти и зајакнување на повеќе нивоа на управување, истакна Пекевски.
Еден од клучните фокуси на проектот, е поттикнување на регионална и меѓурегионална размена, овозможувајќи им на партнерите од земјите од Западен Балкан да се поврзат едни со други и со колеги од цела Европска Унија, да споделуваат искуства, да учат од најдобрите практики и да воспостават долгогодишни односи.
-URBIS – Форумот за паметни градови, претставува динамична комбинација од меѓународен саем и ексклузивна конференциска програма. Ги истакнува водечките иновации во паметните градови и служи како платформа за споделување на најдобри практики и решенија. Овој настан претставува можност да се вклучиме и директно да разговараме со практичари, креатори на политики и иноватори кои ја обликуваат иднината на одржливиот и паметен урбан развој во Европа и да ја продлабочуваме и прошируваме економската соработка, а со тоа да влијаеме кон унапредување на процесите на интеграција, напиша Пекевски на фејсбук.
Република Чешка, како што посочи, ги поддржува напорите за интеграција на земијте од Западен Балкан, повеќе од 10 години и ја одразува континуираната поддршка, давајќи приоритет на односите со Европската Унија.