Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази жалење за начинот на кој се однесува, како што рече, наш сојузник во НАТО, коментирајќи ги последните пораки кои пристигнуваат од високи бугарски официјални претставници, меѓу кои и претседателот Румен Радев и потпретседателката Илиана Јотова, кои обвинија за притисок од македонска страна, како и дека треба будно да се следи што прави Скопје и што се случува во Европскиот Парламент, пишува Слободен Печат.
– Жалам што наш сојузник во НАТО се однесува вака кон свој сојузник во рамките на НАТО, но оставам на останатите членки сојузници да судат. Да се користи како политичко оружје членството во ЕУ или интеграцијата на земјата во рамките на ЕУ, за да се решаваат билатерални прашања од пред неколку векови навистина претставува несмасна дипломатија. Но во ред, така одлучила бугарската дипломатија, бугарските политичари, така одлучила бугарската политичка сцена, тоа е тоа, јас не можам да им кажувам како да однесуваат. Нам ни беше важно овие година дена светот да разбере дека суштината на проблемот не е да ги додадеме Бугарите во Уставот, односно согласно податоците од последниот попис, над 800-те граѓани, кои се дел од бугарската заедница кај нас и кои велат дека нивниот мајчин јазик е бугарскиот. Суштината е обид на еден инженеринг, да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по ’45-та година од минатиот век и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој станува службен во ОН, како дел од југословенската федерација во ’45-та година и дека почива на бугарски корени – рече Мицкоски.
Според него, секој оној, кој не гледа дека ова е суштината на проблемот е или политички аналфабет или не треба да се занимава со политика и додаде дека ова точно го знаел поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
– Тој точно знаеше што прави, директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет, и тоа никогаш нема да го заборавам. Прифаќајќи го францускиот предлог директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет. Ќе се бориме до крај, додека можеме, не знам дали ќе успееме, но добиваме симпатии и сѐ повеќе земји и високи политичари го одобруваат ова што го правиме и нашите аргументи добиваат гласност – рече Мицкоски.
Тој уште еднаш праша зошто доколку проблемот е внесувањето на Бугарите во Уставот, биле поднесени амандманите со означување на македонскиот идентитет како сегашен.
– Зошто не се почитуваат одлуките од Судот за човекови права во Стразбур и не се признае ОМО Илинден Пирин, не му се дозволи на македонскиот народ во Бугарија да има свој претставник во Советот за малцинства заедно со Ромите, Евреите, Турците, Ерменците и останатите…Целиот свет гледа и суди. Ако на 24 јуни не помине на АФЕТ, на Комисијата за надворешните работи во ЕП резолуцијата, во која јасно стои посебниот многувековен македонски идентитет и јазик, тогаш проблем не е промена на Уставот, проблемот е вековниот македонски идентитет и јазик – порача Мицкоски.