Нафтоводи и далеководи во израелскиот град Хаифа биле оштетени во последните ирански ракетни напади, соопштија од Израелската нафтена рафинерија, пренесуваат израелските медиуми, повикувајќи се на поднесок доставен до берзата во Тел Авив.
Според соопштението, на погодените локации нема жртви ниту повредени. И покрај делумниот прекин на некои производствени процеси, постројките на рафинеријата продолжуваат да работат.
Израелските вооружени сили нападнале објект на иранското Министерство за одбрана во централниот дел на Иран, во провинцијата Исфахан.
„Еден од центрите на Министерството за одбрана во Исфахан беше нападнат. Во моментот се врши проценка на евентуалната штета“, изјави заменик-губернаторот на покраината, Акбар Салехи.
Израелската армија го потврди нападот преку објава на платформата Икс, наведувајќи дека мета бил воен објект во Исфахан.
Овој напад е дел од серијата израелски воздушни напади врз ирански воени и нуклеарни цели, по што следеше ирански одговор со ракетирање на израелска територија.