Израелските воздухопловни сили нападнаа и уништија воени цели во Техеран, соопштија вечерва Израелските одбранбени сили (ИДФ).
„ИДФ нападнаа и уништија места за производство на ракети земја-земја, места за радари за детекција и лансери за ракети земја-воздух во Техеран, по наредба на Дирекцијата за разузнавање на ИДФ“, се вели во соопштението на ИДФ, пренесува Си-Ен-Ен.
Овие потези дојдоа откако Израел соопшти дека започнува „серија напади“ насочени кон ракети земја-земја во западен Иран.
Од друга страна, како што пренесуваат од Си-Ен-Ен, иранската војска издаде предупредување до жителите на Израел да се евакуираат од областите блиску до важни израелски воени и научни локации за нивна безбедност, во видео изјава на иранската државна телевизија во недела.
Полковникот Реза Сајад, портпарол на вооружените сили на Иран, го објави ова откако бараж од ирански проектили падна врз локации низ целиот Израел.
Сајад ги предупреди луѓето во Израел да се евакуираат и да не патуваат до „витални, чувствителни и важни локации“ бидејќи иранската војска има база на податоци за овие цели што продолжува да ги напаѓа.
Тој рече дека Иран веќе „успешно погодил чувствителни и важни цели, вклучувајќи воени и безбедносни центри“ во Израел.
Предупредувањето на Иран доаѓа откако Израел издаде слично предупредување претходно во неделата. Израел им кажа на Иранците што живеат во близина на постројки за производство на оружје да се евакуираат, велејќи дека престојот во близина ќе им го загрози животот.
Подготви: Ј. Ѓ.