Во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул вечер ќе биде отворена изложбата „Откривање на визии II“ на Верим Зендели. Изложбата е во рамки на програмата на Министерството за култура и туризам на Македонија за промоција на македонската современа уметност во Република Турција, а влезот е слободен.
Според КИЦ – Истанбул, изложбата нуди поглед во светот на уметноста каде што формите се губат во апстракција и нео-надреализам, создавајќи амбиент во кој реалното и имагинарното коегзистираат во хармонија.
-Делата на Зендели не бараат само визуелен одговор, туку и внатрешно учество – тие нè повикуваат да ја пронајдеме убавината во она што често останува скриено и тивко. Авторот го предизвикува гледачот да се нурне визуелно кон едно длабинско истражување на „внатрешната реалност“ – онаа која се раѓа од умот, чувството и имагинацијата. Неговото сликарство се движи низ слоеви на значења и сензации, откривајќи скриена убавина и создавајќи визуелни наративи исполнети со симболика и емотивна длабочина. „Откривање на визии II“ е второто поглавје на еден личен и уметнички процес што го поставува уметникот како медијатор меѓу видливото и невидливото, меѓу реалноста и духовноста, се наведува во најавата за изложбата.