„Хаотична” е насловот на македонската кавер верзија на глобалниот хит „Messy” кој го испеа британката Лола Јанг.
Продукцијата на овој музички проект е на онлајн магазинот Трн.мк, а изведбата на македонските и англиските вокали е на младата артистка со суперсоничен глас Анастасија Трајковска. Носител на идејата и концептот е Марјан Забрчанец, а препевот на рефренот на македонски јазик го направи Марко Маринковиќ – Слаткар. Текстот го следи оригиналниот мотив на песната во која младата авторка ги доведува во судир уредната себеси и хаотичната себеси, а всушност на својот (поранешен) партнер му порачува “крајот не ти се наоѓа”. Продуцент на овој проект е Ангел Ангеловски, а музичката продукција, аранжманот и адаптацијата се на младиот и перспективен музичар Васил Ангелов.
“Хаотична” ќе се врти на македонските радио станици со што добива силен потенцијал да стане голем летен хит, како локална екстензија на светскиот хит “Messy”. Песната доби и свој автентичен видео спот кој е достапен на Јутјуб, Инстаграм, Тик Ток и Фејсбук каналите на Трн.мк.
Спотот на визуелен начин ни го доближува судирот меѓу “уредната” и “хаотичната” авторка која на минималистички поставената мала сцена во МНТ извонредно комуницира со себеси, со камерата и секако со публиката.
Режијата е на Димитар Атанасоски и Ангел Ангеловски, сценариото е на Мона Паскалова, директор на фотографија и колорист е Димитар Атанасоски, светло мајстор е Владо Ќулавковски, а монтажата е на Дејан Трпчевски.
Поддршка на креативниот процес дадоа Васко Лазаревски, Дениз Абдула, Вања Младеновски и целокупниот тим на Трн.мк.