Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Доаѓам од промоцијата на новата книга на Димитрие Дурацовски „Оклоу три по полноќ”. Во убавиот амбиент на „Литература мк.”во Трговскиот центар „Дајмонд”, беше задоволство да се слушаат излагањата на Оливера Ќорвезироска, нашата позната писателка и уредник во „Арс либрис”, издавач на книгата на Димитрие и академик Влада Урошевиќ. Најголеми аплаузи, сепак, доби авторот, кој со својата ноншалантност и непретенциозност, ја освои сета публика.
За книгата ќе кажам нешто откако ќе ја прочитам, но врз основа на досега прочитаните книги на Дурацовски, значи, „Инсомнија” и „Бледи сенки и далечни гласови”, можам да го кажам следново:
Вистината натопена во меланхолија, и меланхолијата облагородена со ангажираност што извира од судирот на надреалистичката школа и филозофија со стварноста, е најкусата можна дефиниција на творештво на Димитрие Дурацовски.
Тој не е лирски жонглер со зборовите, како што се голем број македонски автори, ниту е епски производител на гоблени и рамки за националните драми, страдања и несреќи, какви што се еден друг круг писатели, туку е единствениот аристократ на уметноста што ја создава како книжевно овоплотување на својата личност, на своите емоции, немири среќи и несреќи, видувања, ставови и оценки, до нивото на кое неговото внатрешно добива и открива општи значења.
Односно станува уметност.
Единствена во композицијата, тонот, јазикот, актуелна, дури непосредно и актуелна и надвременска, мека и остра, студена и топла, рационалност која ја разградува стварноста и заоѓа зад видливите хоризонти.
Дурацовски не создава во име на народот дури не и во име на уметноста, но создава уметност од прв ранг, меѓу другото и поради отсуството на такви амбиции.
Во последното обраќање рече вака;
„Јас сум мрзлив човек кој денот го поминува дома читајки, слушајки музика, гледајќи филмови и одвреме навреме пишувајки”
Си реков: Тричковски, ти си плукнат Дурацовски, мрзлив си, слушаш добра музика, гледаш филмови, дури и пишуваш, само уште да научиш да пишуваш како Димитрие.
И веднаш ми текна дека тоа чудо не се учи.
Честитки за Дурацовски, за промоторите Оливера и Урошевиќ, за Арс Либрис и за сите што трчаа по дождот за да присуствуваат на овој убав настан.