Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаело Гроси за утре свика итен состанок во седиштето на Агенцијата во Виена, откако САД нападнаа три нуклеарни постројки во Иран.
„Поради итната ситуација во Иран, свикувам за утре итен состанок на Управниот одбор на МААЕ“, напиша Гроси на Икс.
САД изутрината директно се вклучија во конфликтот меѓу Иран и Израел, наведувајќи дека нападнале три нуклеарни објекти во таа земја.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа „Truth Social“ дека САД извршиле „многу успешен напад“ врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи го и Фордо.
„Го завршивме нашиот многу успешен напад врз трите нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ги Фордо, Натанз и Исфахан“, напиша Трамп. „Сите авиони сега се надвор од иранскиот воздушен простор. Цел товар БОМБИ беше фрлен на главната локација, Фордо. Сите авиони се враќаат безбедно“, додаде тој и им честиташе на „големите американски воини“.
Трамп ја заврши својата објава со зборовите: „Сега е време за мир“.
Во друга објава на „Truth Social“, претседателот напиша: „Фордо го нема“.
Иран и МААЕ наведоа дека немало непосредни знаци на радиоактивна контаминација на трите локации по нападот.
Прочитајте и…