ОЛИВЕР АНДОНОВ
За горчливата лојалност
Интересно е тоа како во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ се бара безусловна лојалност. Не лојалност кон идеологијата на партијата, кон каузата на ВМРО, кон демократските вредности, кон европските вредности за кои се залагаше ВМРО-ДПМНЕ кога се формираше, туку исклучиво лојалност кон претседателот на партијата. Лична лојалност кон човек, не кон вредностите, кон делото. Дури не се бара ниту лојалност кон татковината Македонија, тоа е непотребно, туку неопходна е безусловна лојалност кон претседателот на партијата. Таа лојалност е исклучиво и само показател на градење на култ на личноста до ниво на идолопоклонство.
Класичен тоталитаристички пристап во политиката, без и најмалку демократски капацитет или што би се рекло, класичен комунизам. Триесет и пет години по падот на комунизмот кај нас во ВМРО-ДПМНЕ, во Македонија најсилно е гласен култот на личноста. Секој кој во рамките на партијата ќе се спротивстави на политиките на претседателот поддржани од клиентелистичкиот менаџмент, се прогласува за државен непријател, не само партиски. Во рамки на партијата се маргинализира и политички денунцира и уништува, а во рамки на државата му се оневозможува било какво кариерно напредување, а нели мерит систем.
Токму тука се гледа како претседателот на партијата-премиерот буквално од позиција на семоќен бара безусловна лична лојалност, а доколку не ја добие тогаш тие кои не го испочитувале малото божество стануваат државни непријатели. Секако, во негова моќ е и тоа кого и кога ќе пушти да му се приближи или кога некого ќе познава а кога нема повеќе да го познава.
А зошто е тоа така?
Токму поради однесувањето на нашите сопартијци во најголем дел. Тие сакаат да бидат лојални по секоја цена. Токму по секоја цена затоа што тоа е патот до наградата која ја очекуваат. Наградата која ја сметаат за врв на своите животни цели и за која треба се да истрпат, иако таа егзистенцијална награда им припаѓа по секое човечко право и достоинство и за неа не треба никого да молат. Како се вели „наведната глава сабја не ја сече“. Секако, но „наведната глава и сонце не гледа“. Е токму затоа што сонцето не се гледа се живее во темнина или поточно во полутемнина, во полу свет, во зависност од туѓата волја и милост и сопствената божем лојалност. По принципот: „трпи, трај си, ќе се спасиш“. Но тешко да се спасиш. Затоа и наградата најчесто е горчлива, само доцна се осознава тоа и на своја кожа, со своја болка и тоа конкретна, а и тешко да се најде сила кај сведнатата глава да си признае пред самата себе си дека е безвредна и дека самата си е виновна за својата „судбина“ и добиената награда.
И еве ви пример за тоа како се добива награда која е горчлива и чии плодови на горчливост ќе се почувствуваат подоцна но ќе биде доцна за исправање, така што ќе остане само покајанието.
Се случи хаварија (пожар) во РЕК Битола (нешто пожарите многу ја сакаат владата на Мицкоски, а допрва доаѓа лето и ќе биде интересно) и вработените добија задача со метли да го исчистат отпадот од пожарот. Тоа не е кабаст отпад, тоа е чад од разни материјали чии честички летаат низ воздухот, а вработените метејќи и изнесувајќи ја прашината истовремено ќе ги вдишуваат честичките. Потенцијално овие честички се силно канцерогени со што наградата за лојалноста на вработените ќе биде исклучително горчлива. Додека наградата за оној кој го добил тендерот е во милиони евра без ризик по здравјето. Ризикот е даден на вработените во РЕК како награда за нивната лојалност. Но што да прават луѓето, нели по милоста на малото божество-претседател на партијата-премиер тие се примени на работа и сега нема, не смеат, да покажат нелојалност.
Втор пример, Крива Река, нејзиното загадување, кое нели не е загадување, но поради лојалност кон претседателот на партијата кој вели дека не е загадена реката, ако треба заради докажување на лојалноста и неизмерната безусловна љубов кон прецедникот, нашите сопартијци од Крива Паланка во ред колективно ќе се напијат вода директно од под Осички мост. Тоа што никој во Паланка не знае дали и колку се загадени површинските води и земјоделското земјиште не е важно сега, ќе дознаат подоцна кога ќе ја добијат горчливата награда. Згора на тоа, нашите сопартијци од Пробиштип во знак на лојалност, а очекувајќи ја горчливата награда спакувана во шарена хартија ќе си го гласаат Тозо како успешен директор на рудниците Тораница и Злетово. Аферим лојалисти на култот на личноста.
И ова се сосема доволни примери за во една колумна, а доколку побарате повеќе ќе ги најдете насекаде низ Македонија.
За глупоста и верувањето во глупости
Со големо задоволство (што би се рекло „како ѓавол на штета“) ќе се изнасмеам на нашите лојалисти кога ќе видам како Мицкоски го враќа во политичка игра, сега како кадар на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ оној на кого му се суши рачето според татковата му клетва. А нели клетвата од родител е најтешка клетва. Оној непрокопсаник кој го потпиша Преспанскиот договор. Истиот оној кој му се нудеше и на Груевски да биде министер за да застане на страната на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа откако беше одбиен отиде кај Заев и го потпиша Преспанскиот. Сега нешто уште има да каже по медиумите во Македонија (на која и го смени името со сопствениот потпис и за сопствени интереси) и тоа во контекст на поддршка на политиките на Мицкоски во однос на ЕУ и Францускиот – Европскиот договор. Но да сме живи и здрави и ќе гледаме бурлески, како ќе му аплаудирате и тоа френетично на изродот кога тоа од вас драги мои сопартијци ќе се бара заради лојалност кон непогрешливата политика на Мицкоски и божем одбраната на македонскиот идентитет од лошата Европа.
Таа глупост и тоа што ве тераат да бидете лојални и да верувате во глупости уште и да аплаудирате ви го кажав пред неколку месеци преку пораката дека државите почитуваат меѓусебни договори и се потпираат врз демократијата и системот на државата а не врз личности. И еве сега другарот Трамп не е баш заинтересиран за Македонија. Море воопшто не е заинтересиран. Едноставно, немаме што да понудиме во однос на неговите лични-бизнис интереси. Но затоа поедини ликови под 1000 маски, како од Македонија, така и надвор од неа, се обидуваат да ќарат нешто на лична сметка. А како подобро да се ќари отколку да се пласира божем патриотска политика зачинета со етнички конфликтен потенцијал и задолжително со анти ЕУ наратив. Е сега кој ќе се фати на мамката, тој е глуп, па нека е и најпосветен лојалист, ќе си остане само глупчо и тоа само затоа што ништо не разбира и не гледа.
И еве повторно пример.
Фалсификатот како кривично дело направен од страна на директорот на АНБ е само едно најприземно кривично дело за кое патем кажано постојат судски пресуди во потполно идентични случаеви на фалсификување документи. Тоа што ОЈО под притисок се прави на будала и не го работи предметот како што треба, го отвораат странски медиуми поради што ни се потсмеваат надвор. Кога имате ситуација директор на АНБ фалсификатор а „нашите“ лојалисти му порачуваат „да гази“ се поставува прашање дали луѓето се дотолку глупи? Секако, наградата и тоа онаа горчливата ќе дојде нешто подоцна, бидејќи кога помагате да се урне системот на државата поддржувајќи и оправдувајќи кривични дела само затоа што тоа го прават луѓе од нашата партија, тогаш очекувајте дека некоја друга власт ќе го прави истото тоа но тогаш на ваша штета и против вас. И тоа не е најстрашно, најстрашно е тоа што сето тоа е против Македонија, а кон тоа сте придонеле и вие, колку и да се колнете во Македонија.
Вие со вашата лојалност кон божем политиките на претседателот на партијата (како што ви велат, лојалност кон партијата) очекувајќи ја вашата награда која на крајот ќе биде горчлива само покажувате политичка и лична глупавост и лекомисленост.
Да се довери сопствениот живот, иднината на сите нас и особено на нашите деца и на целата нашата татковина на луѓе кои заради лични лукративни цели бараат од сите нас како партиски членови беспоговорна лојалност кон нивните недела и заштита на сторените кривични дела е будалаштина. Како што впрочем е глупост да чекате награда од луѓе кои од позиција на државна власт се занимаваат со кривични дела и манипулации за да сторат други кривични дела, и сето тоа за да останат на власт и повторно да ве лажат и уште да бараат од вас да им бидете лојални.
И за економската моќ и минимална плата
Глупаво е да се верува во јавно изречените глупости дека минималната плата во Македонија повеќе вреди од онаа на многу земји членки на ЕУ. Еве имав можност пред само неколку дена да пропатувам низ средна и делумно Западна Европа. И да направам една едноставна споредба со цените во Македонија.
И повторно примери.
Дизел горивото во Хрватска е 1,28 евра, во Словачка 1,30 евра, во Чешка 1,22 евра, во Германија 1,6 евра, во Австрија 1,5 евра, а во Словенија 1,43 евра за литар. Ете така е тоа во ЕУ држави и со нивен стандард. Кај нас, со нашата минимална плата, литар дизел е 1,20 евра, а во Србија е 1,9 евра. Супер и бравос за нас и за власта во Србија на која се одушевувате. Во однос на прехранбените производи во маркетите од типот на Лидл и Хофер, цената на лебот е под едно евро, виното е 1,6 евра за шише од 0,7 литри или 1.400 мл сладолед е 1,76 евра и тоа во Германија. Цените на средствата за лична хигиена во Германија во маркетите на ДМ се на половина од оние за истите производи во истиот маркет кај нас во Македонија. Тоа што е „скапо“ се кириите, не режиските трошоци и секако скапо е во рестораните, но кафеаните се сепак луксуз и кај нас, па така еспресо во Германија се движи од 1,8 до 2,6 евра, но и кај нас е околу 2 евра едно еспресо. Притоа, треба да имате пред вид дека минималната плата на пример во Словенија е околу 1200 евра, а во Македонија е 400 евра или три пати помала. Па сега видете дали треба да верувате на простачкиот ПР за тоа како убаво се живее во Македонија кога за само еден месец минималната потрошувачка кошничка е поскапена за 12 евра, а минималната плата не се покачува, за да нема инфлација што би рекла министрица финанција. Аирлија нека е, и само напред лојалисти на глупавите политики, горчливата награда стигнува секој месец, кај сите нас без разлика, и тоа најпрво на финансиско-економски план.
И толку за нашата економска моќ и нормален живот, па вие останете лојални и зорле глупи при ум, разум, мозок, уши и очи, и верувајте дека е опортуно да поставувате прашања зошто Гувернерот има плата од 5.000 евра, или министрите од 3,000 евра или пратениците без додатоци 2.500 евра, чекајќи ја вашата награда која ви ја ветуваат. Ќе биде ветувањето, ја пред, ја после локалните избори, ја за парламентарни, а може и никогаш, само уште малку да покажете слепост и лојалност кон погрешните политики на прецедникот, драги мои сопартијци.
А од ветување, куќа не се растура.