Македонското еколошко друштво (МЕД) спроведе мониторинг на островот Голем Град во Преспанското Езеро.
Островот е познат и како „Змиски остров“ поради значителната бројност и концентрацијата на змијата рибарка (Natrix tessellata), но на островот се среќава и помалубројниот поскок (Vipera ammodytes).
Од МЕД велат дека забележливо за експертите и за локалното население е дека бројот на змии е значително опаднат во споредба со минатото.
Македонското еколошко друштво заедно со нивни колеги од Биолошкиот факултет во Белград (Србија) и Центарот за биолошки истражувања во Шизе (Франција) спроведоа теренски мониторинг на змии и други влекачи.
Согласно првичните сознанија, може да се истакне дека за разлика од почетоците на истражувањата во доцните 2000-ти и рани 2010-ти години кога популацијата на рибарките се проценуваше на близу 25.000 возрасни единки, денес бројките на рибарката се значително намалени на нешто повеќе од 5.000.
Овој пад најверојатно се должи на рибарските мрежи во кои тие лесно се дават, а за жал редовно се поставуваат околу островот. Новиот план за управување за Преспанското Езеро исцртува зона за строга заштита во водите околу Голем Град, односно истото зонирање што го има самиот остров во рамките на националниот парк Галичица. Се надеваме дека наскоро ќе може да се спроведува редовна контрола на активностите кои се дефинирани како забранети во овој дел од езерото, велат од МЕД.
Тие додаваат дека сепак „во последните три години, на терен популациите на рибарки изгледаат навидум подобрени – останува анализите да го потврдат ова со продолжување на континуираниот мониторинг. Претпоставуваме дека ова делумно се должи на подобрената контрола на риболовот во соседна Албанија, но по она што го забележуваме на терен, исто така и на преминот од лов на преспанска белвица со мрежи со ситни окца кон поизразен лов на крап околу островот со покрупни мрежи кои рибарките може да ги избегнат“.
За разлика од рибарките, поскокот не бележи намалување, констатираат МЕД.
Неговите популации се стабилни со стандардна варијација на популацијата на возрасни единки помеѓу 200 и 300 единки во последните 19 години, велат од друштвото.
Ваквата активност е клучна за развојот на ефективни стратегии за заштита, за продлабочување на разбирањето на еколошката рамнотежа на Голем Град и за подигнување на јавната свест за важната улога што змиите ја играат во целокупниот екосистем, потенцираат од еколошкото друштво.