Лидерот на најголемата албанска опозициска партија, Демократската, Сали Бериша, не ни размислува да поднесе оставка од лидерската функција по поразот на изборите бидејќи според него – „тие не биле избори туку фарса”.
За време на прес-конференција, беше прашан дали ќе го испочитува членот во статутот на партијата, според кој, во случај на губење на изборите, претседателот на партијата мора да си замине.
-Тоа не важи зашто изборите на 11 мај беа фарса. Статутот е за избори, а не за фарса. Не го толкувајте погрешно статутот. Ако статутот треба да пишува за фарса, можам да обезбедам оригинални документи што ја докажуваат свеста на Сали Бериша за фарсата. Ако пишува фарса, се согласувам со вас, но не пишува фарса, туку избори, одговори Бериша.
Одговори и на потпрашање дека претходно изјавил оти ќе поднесе оставка “без разлика што ќе се случи”.
-Без фарса, фарсата е главната работа. Можам да обезбедам документи со голема јасност, зборував за фарси низ годините, не е дека поимот фарса недостасуваше од мојот политички речник, рече тој.
Бериша(81) оставка од лидерската функција поднесе 2013 година кога неговата партија изгуби на парламентарните извори. Го наследи Љуљзим Баша, но по големите недоразбирања во 2022 беше насилно сменет од крилото на Бериша и повторно на чело на партијата се врати тој.
Иако парламентарните избори се одржаа на 11 мај Централната изборна комисија сеуште нема објавено официјални резултати, зашто сеуште се пребројуваат гласови, по низата приговори.
Лидерот на Социјалистите и актуелен премиер Еди Рама прогласи победа со освоени 83 пратенички места од вкупно 140 колку што брои законодавниот дом.