Во последните години, урбаниот велосипедизам во Македонија добива сè поголемо внимание. Се зголемува бројот на велосипедски патеки и ленти, се нудат субвенции за велосипеди, а сè почесто се организираат настани за промоција на оваа еколошка и здрава форма на урбана мобилност, велат од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“.
Според нив градоначалниците покажуваат сè поголем интерес за потребите на велосипедистите, тренд кој очекуваат да продолжи и по претстојните локални избори.
За да го поддржи овој позитивен развој, Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ од Скопје организира средба за вмрежување на организации, иницијативи и поединци активни во областа на урбаниот велосипедизам.
Настанот ќе се одржи на 26 јуни 2025 година (четврток), од 09:30 до 15:00 часот, во Младинскиот центар Матично, во Скопје.