Висок функционер на Хамас изјави за Би-Би-Си дека посредниците ги засилија своите напори за посредување во нов прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците во Газа, но дека разговорите со Израел и натаму се во застој.
Коментарите доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е постигнат „голем напредок“ со завршувањето на 12-дневната војна меѓу Израел и Иран, а неговиот претставник Стив Виткоф рече дека договорот меѓу Израел и Хамас е „многу блиску“, објави денеска Би-Би-Си.
Кратко по говорот на Трамп, висок функционер на Хамас изјави за Би-Би-Си дека посредниците „во интензивни контакти се ангажирани со цел постигнување договор за прекин на огнот“. Меѓутоа, додаде тој, групата „досега не добила никаков нов предлог“.
Израелски функционер изјави за весникот Хаарец дека не е постигнат никаков напредок во преговорите од крајот на мај и дека главните несогласувања остануваат нерешени.
САД, Катар и Египет посредуваат во постигнувањето договор, но тој заглави кон крајот на мај, кога Виткоф рече дека Хамас барал „целосно неприфатливи“ измени во предлогот на САД за 60-дневно примирје, во кое половина од живите израелски заложници ќе бидат ослободени, а телата на најмалку половина од мртвите заложници ќе бидат предадени.