Американскиот Сенат денеска ја продолжи расправата за законот за даноци од агендата на претседателот Доналд Трамп, вреден 3,3 билиони долари.
Гласањето е планирано за денеска, а според Си-Би-Ес Њуз, републиканците брзаат да го усвојат законот пред 4 јули. Законот, наречен „Еден голем, прекрасен закон“, предвидува зголемен буџет за безбедност на границите, одбрана и енергетика, додека се намалуваат средствата за финансирањето за здравствени и социјални програми.
Претставничкиот дом претходно усвои верзија на законот, а Сенатот сега расправа за измените што мора да бидат одобрени од Долниот дом пред да бидат потпишани од Белата куќа.
Републиканците се обидуваат да го усвојат законот преку постапката за усогласување на буџетот, што им овозможува да го протуркаат со просто мнозинство, без поддршка од демократите, со што ќе се избегне потребата од 60 гласови што вообичаено се потребни за повеќето закони во Сенатот.
По завршувањето на дебатата, Сенатот влегува во фаза во која сенаторите можат неограничено да поднесуваат амандмани и да го принудат Сенатот да гласа за секој од нив.