Две возила учествувале во сообраќајката кај Собранието, што се случи попладнето, а во која две лица беа потешко повредени, потврдија вечерва од Министерството за внатрешни работи за МИА.
– Попладнево во 17:30 часот во СВР – Скопје е пријавено дека на раскрсницата во близина на Собранието на Република Северна Македонија, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патнички возила „ауди” и „алфа”. Со возило на Итна помош, две лица се пренесени за укажување помош во ГОБ „Свети Наум Охридски” и во Ургентен центар „Мајка Тереза”. Во тек е увид на местото на настанот, појаснија од МВР за МИА.
Претходно, МИА информираше дека две лица се потешко повредени во сообраќајната несреќа што се случила доцна попладнево на крстосницата кај Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје.
Доктор Драган Панов, шеф на смена во Брза помош – Скопје, во изјава за МИА потврди дека во сообраќајката, две лица се здобиле со потешки повреди.