Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, изјави дека електронскиот попис, каков што се предлага од новата власт, не може да обезбеди прецизни податоци за местото на живеење на граѓаните, ниту пак да ја потврди нивната национална припадност.
„Постојат јасни насоки од Обединетите нации за тоа како се врши попис, и тие важат глобално – не само во Европа. Според тие стандарди, лицата што живеат повеќе од една година во странство се сметаат за нерезиденти и треба да се попишуваат во земјите каде што живеат. Ако не им се даде можност на граѓаните сами да се регистрираат како нерезиденти, тие ќе се обидат да се пријават како резиденти за да не ги изгубат своите права“, изјави Филипче.
Тој предупреди дека со електронски попис постојат два клучни предизвици:
„Прво, многу луѓе имаат лични карти со адреси каде што реално не живеат, или поседуваат имот на повеќе локации. Тоа е случај со над 25% од населението, што значи дека пописот нема да ја отслика реалната слика каде живеат луѓето. Второ, во ниту една електронска база на податоци не постои евиденција за националноста. Дури и кога се вкрстуваат бази од институции како Фондот за здравство, ПИОМ или УЈП, графата за етничка припадност ја нема“, нагласи тој.
Според Филипче, токму овие две ограничувања – неточна географска распределба и отсуство на податок за националност – се сериозни предизвици за валидноста на еден електронски попис.