Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и заменик министерката за животна средина Ане Лашкоска, во Севиља учествуваат на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), што се одржува под покровителство на ООН.
Предвидено е Сиљановска Давкова да има обраќање на пленарната сесија на конференцијата, како средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез. Претседатеклката синоќа присуствуваше на официјалниот прием, којшто за шефовите на делегациите, го приредија шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција.
Министерката Димитриеска Кочоска, пак, на фејсбук објави дека ќе има обраќање на тркалезна маса на која ќе зборува за искористувањето на потенцијалот на приватниот сектор и финансиите за остварување на Целите за одржлив развој.
Целта на лидерскиот собир во Севиља е изнаоѓање решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор, стои во соопштението.
На конференцијата, на која учествуваат на педесетина шефови на држави и влади, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен заеднички документ „Договорот од Севиља“.