Пишува: АНДРЕЈ ЖЕРНОВСКИ
Кога за време на трибината на СДСМ посветена на едногодишното владеење од новата влада, со наслов „Македонија понижена“, јасно ја изразивме нашата загриженост дека на актуелната влада приоритет и’ е Коридорот “Б”, осносно оската Будимпешта- Белград, многумина доста скептично ја примија таа констатација. Сметаа дека претеруваме и дека се работи за редовна опозициска критика и реторика. Но, дека тоа е така и дека состојбата е исклучително сериозна, покажува и докажува Извештајот на Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент за извештаите за Северна Македонија 2023 и 2024 година. Таму, Брисел директно и многу прецизно изразува, цитирам, загриженост за таканаречениот проект „српски свет“ и дека некои претставници на Владата на Северна Македонија го застапуваат и промовираат овој концепт, при што осудува учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот. Во амандман се изразува, цитирам, вознемиреност од улогата на Унгарија и Србија во унапредувањето на геополитичките цели на Кина и Русија, при што се забележува ризикот од зависност од Кина поради асиметричните договори за заем, како и неодамнешниот заем од Унгарија, кој очигледно е набавен од Кина.
Домашната јавност мора да го добие одговорот на прашањата
КОИ СЕ ТИЕ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ВЛАДАТА?
КОГО ЗАСТАПУВААТ?
ЧИИ ИНТЕРЕСИ ПРОМОВИРААТ?
Очигледно не македонските!
По ваквите директни и крајно сериозни прозивки од Брисел на адреса на владата, очекуваме Мицкоски и Муцунски, конечно, да излезат во јавноста со свој коментар на оваа тема. Тие се должни тоа да го сторат веднаш, бидејќи во текстот е наведено и дека одредени кинески дипломатски субјекти финансирале содржини во медиуми, а руските државни актери користеле српски медиумски посредници за да шират непријателски наративи кон НАТО и да тврдат дека ЕУ врши притисок врз Македонија да се откаже од својот идентитет.
На критики од страна на власта наиде и нашиот став дека многу наивно се влезе во сценариото на (не)гласање резолуции во ОН, по што потенциравме дека со таквата поставеност праќаме исклучително лоша порака до ЕУ и дека со тоа директно се дестабилизираат нашите напори за влез во Унијата. Дека бевме во право, можеме да се увериме и по оној дел од текстот на извештајот каде се изразува, цитирам, жалење што Северна Македонија беше единствената земја на Западен Балкан што се воздржа од гласање за европската резолуција за Украина во Генералното собрание на ОН во февруари 2025 година и наместо тоа ја коспонзорираше резолуцијата на САД, заедно со земји како Грузија и Унгарија, што претставува негативен сигнал во врска со усогласувањето на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и со колективната европска посветеност на почитувањето на мирот, меѓународното право и демократските принципи.
Јас не велам дека власта секогаш греши, ниту велам дека опозицијата секогаш е во право, но кога укажуваме најдобронамерно и кога нашите критики добиваат потврда, тогаш треба да не’ послушаат. Ако и по сето ова одлучат да продолжат по истиот пат, односно по истата оска, тогаш веќе имаме друга ситуација, која ќе бара и соодветен одговор.