Министерот за надворешни работи на Словачка, Јурај Бланар, посочи дека меѓународната заедница можеби ќе треба „можеби“ да ѝ прости на Русија за постапките и да го продолжи дијалогот со Москва како средство за завршување на војната во Украина, пренесува Кијив Индипендент.
Неговите забелешки дојдоа откако Словачка побара усвојувањето на 18-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија да се одложи додека не се донесе одлука за последиците за земјите-членки од RePowerEU, иницијативата на Европската комисија за прекин на зависноста од руските фосилни горива до 2030 година како одговор на руската инвазија на Украина.
Бланар, зборувајќи за домашните медиуми, рече дека тековната војна не може да се реши на бојното поле и ја нагласи важноста на дипломатијата и меѓународното право.
„Да се вратиме на почитувањето на меѓународното право и да бараме начини за комуникација со Руската Федерација“, рече тој на 29 јуни. „И можеби дури и да простиме сè што се случило“.
Коментарите се уште еден пример за тоа како сегашното раководство на Словачка отстапува од поширокиот проукраински став на ЕУ и НАТО.
Под премиерот Роберт Фицо, Братислава усвои попомирувачки тон кон Москва, вклучително и продолжување на дипломатскиот ангажман, додека повеќето западни земји ги прекинаа врските по целосната инвазија на Русија во 2022 година.
Порано оваа година, Фицо присуствуваше на парадата за Денот на победата на Русија во Москва, каде што се сретна со претседателот Владимир Путин. Сепак, тој ја отфрли идејата за ангажман со претседателот Володимир Зеленски.
„Не гледам причина да се сретнам со украинскиот претседател“, рече Фицо во неодамнешно интервју за словачкиот радиодифузер STVR. „Мојата средба со претседателот Зеленски нема никакво значење затоа што тој ме мрази“, додаде тој. Зеленски сè уште не одговорил на тврдењата на Фицо.
Иако Фицо ја прекина словачката воена поддршка за Украина по преземањето на функцијата во 2023 година, тој парадоксално изрази поддршка за членството на Украина во Европската Унија. „Членството на Украина во ЕУ носи повеќе предности отколку недостатоци за Словачка“, рече премиерот.
Д. Мишев / Цивил Медиа