За време на 12-дневниот конфликт со Израел, во Иран загинаа 935 лица, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за правда, Асгар Џахангир, повикувајќи се на најновите форензички податоци, објавија денеска иранските државни медиуми.
Меѓу загинатите, прецизираше тој, има 38 деца и 132 жени. Џахангир истакна дека телата на жртвите се идентификувани како дел од националната форензичка истрага која сè уште е во тек, а бројот на загинати може да се зголеми додека продолжува пребарувањето на урнатините.
Воздушните напади, кои започнаа претходно овој месец, предизвикаа значително уништување на инфраструктурата во неколку градови низ Иран, додека меѓународните претставници постојано повикуваат на итна деескалација.
Конфликтот меѓу Иран и Израел започна на 13 јуни 2025 година, кога Израел започна голема воздушна операција насочена кон уништување на нуклеарните и воените капацитети на Иран, како и на иранските системи за противвоздушна одбрана и платформите за лансирање балистички ракети.
Прекинот на огнот беше постигнат на 25 јуни со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во неколку наврати апелираше до двете страни да се воздржат од кршење на примирјето, иако имаше неколку меѓусебни ракетни напади.