Еврокомесарката за проширување, Марта Кос упати честитки што по цела една година Советот на министри на Босна и Херцеговина ја усвои реформската агенда, која што е услов за да им се придружи на петте земји на Западен Балкан и да почне да ги користи средства од Фондовите на ЕУ. Одговарајќи на новинарско прашање, на прес-конференција по лидерскиот самит во Скопје, што треба лидерите на Босна и Херцеговина да направат, за да има прогрес во имплентацијата на реформите, Кос одговори дека оваа добра вест се случила во петокот и во текот на наредните денови очекува и официјално известување од Сараево.
-Кога Комисијата ќе ги усвои реформите ќе потпишат договори и тогаш ќе започнеме да работиме на ова прашање. Не можам да опишам колку сум среќна, што после цела една година труд и работа на ова прашање Босна и Херцеговина им се придружи на другите пет земји. Можам да им честитам. Сепак Македонија беше прва што ја презентираше реформската агенда, сега сите шест земји од Западен Балкан имаат ваква реформска агенда, рече Кос.
Еврокомесарката за проширување на ЕУ, Кос потенцираше дека тајмингот е многу важен, бидејќи парите, што ги користат земјите од Западен Балкан ќе бидат достапни до крајот на 2027 година.
– И ако не ги искористиме, земјите не успеат да ги апсорбираат, јас ќе морам да ги вратам парите во буџетот на ЕУ и мислам дека има подобри решенија од тоа. Доколку вие ги испорачате реформите, ние поскоро би ви ги дале, отколку да ги вратиме во буџетот на ЕУ, ако јас се прашувам за тоа. Сакам и до последно евро да се потроши на земјите на Западен Балкан, рече Кос.