Бомбардирањето на САД на клучниот ирански нуклеарен објект Фордо „сериозно го оштети“ објектот, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за Си-Би-Ес Њуз.
-Никој не знае точно што се случило во Фордо. Она што го знаеме е дека објектите биле сериозно оштетени. Организацијата за атомска енергија на Исламската Република Иран спроведува евалуација и проценка, а извештај за тоа ќе биде доставен до владата, рече Арагчи во интервју емитувано вчера.
Пресретнатите ирански комуникации го намалија обемот на штетата што американските напади ја предизвикаа врз нуклеарната програма на Иран, објави Вашингтон пост во неделата, повикувајќи се на четири лица запознаени со доверливите разузнавачки информации што циркулираат во американската влада.
Претседателот Доналд Трамп рече дека нападите „целосно ја уништиле“ нуклеарната програма на Иран, но американските претставници признаваат дека ќе биде потребно време за да се формира целосна проценка на штетата предизвикана од американските воени напади минатиот викенд.