СДСМ продолжува со процесот на избор на кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. Претседателот на партијата, Венко Филипче, денеска на својот Фејсбук профил ги објави имињата на нови 11 кандидати, потенцирајќи дека изборот е резултат на детална анализа и консултации со општинските организации.
„Продолжуваме со изборот на кандидати за градоначалници, денеска ги објавуваме новите 11 кандидати на СДСМ за претстојните локални избори“, напиша Филипче.
Тој истакна дека процесот на селекција се базирал на резултати од анкети и разговори со членови на општинските организации, а кандидатите се избрани според нивниот интегритет, визија и посветеност.
„Секој од кандидатите е човек со интегритет, визија и силна посветеност кон развој на општината од која доаѓа – луѓе подготвени да се соочат со реалните проблеми на граѓаните и да понудат решенија кои носат конкретни резултати и подобар живот“, наведе Филипче.
СДСМ ги номинира следниве кандидати:
- За општина Пехчево: Златко Николовски, член на Централниот одбор
- За општина Босилово: Мариче Кармазичева
- За општина Куманово: Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ
- За општина Карбинци: Љупка Соколовска
- За општина Василево: Ванчо Новоселски
- За општина Сопиште: Звонко Васев, претседател на општинската организација
- За општина Јегуновце: Дарко Блажевски, поранешен градоначалник (2017–2021)
- За општина Охрид: д-р Асен Шајн, претседател на општинската организација
- За општина Демир Хисар: Златко Кузмановски, актуелен претседател на општинската организација
- За општина Струмица: Марјан Даскаловски, претседател на општинската организација
- За општина Дебарца: Љупчо Паункоски, претседател на општинската организација
Филипче нагласи дека процесот продолжува со истиот принцип на транспарентност и темелност.
„Продолжуваме со транспарентен и темелен пристап при изборот и на останатите кандидати, затоа што наш приоритет се интересите на граѓаните – да ги понудиме најдобрите кандидати за градоначалници со програма која ќе го подобри животот на граѓаните“, порача лидерот на СДСМ.
Прочитајте и…
Костадинов објави замрзнување на членството во СДСМ, откако не се најде на листата за градоначалници