Македонската рекордерка во маратонско трчање Адријана Поп Арсова Рашиќ, која потекнува од Виница, успеа да обезбеди пласман на Светското првенство во атлетика „Токио 2025“.
Со ваквиот успех таа стана првата атлетичарка во историјата на македонската атлетика која ќе настапи на три последователни светски првенства – „Орегон 2022“, „Будимпешта 2023“ и „Токио 2025“.
Поп Арсова успеа да го оствари критериумот за учество и се најде меѓу најдобрите 100 маратонки во светот, обезбедувајќи директен пласман преку ранкинг-листата на Светската атлетика (World Athletics).
Овој резултат е уште еден доказ за континуираниот напредок и професионалниот развој на македонските атлетичари, како и потврда за вредноста на вложувањата во македонската атлетика.
Светското првенство ќе се одржи во периодот од 13 до 21 септември во Токио, Јапонија, каде најдобрите атлетичари од целиот свет ќе се борат за светската титула. Македонија ќе има двајца свои претставници – Адријана Поп Арсова и Дарио Ивановски, кои ќе настапат во дисциплината маратон.