Британската хеви-метал група „Блек Сабат“ и Ози Озборн приредија историски последен настап, со што успеаја и во својот добротворен потфат. Имено, на настанот на стадионот „Вила парк“ во Бирмингем, Англија, под наслов „Назад кон почетокот“ (Back to the Beginning) се собраа речиси 200 милиони долари како добротворни средства за три одделни организации, според Том Морело од „Рејџ агенст д’машин“ (Rage Against the Machine), кој беше музички директор на целодневниот настан.
„Сакавме не само да го создадеме најголемиот ден во историјата на хеви металот. Собравме многу пари за одлична кауза и со толку многу одлични музичари, бендови и обожаватели од целиот свет им оддадоа почит на великаните на сите времиња“, напиша Морело на Инстаграм.
Сите приходи се наменети за добротворни цели, пренесуваат тамошните медиуми. Здруженијата што ги добиваат средствата се „Лек за Паркинсоновата болест“ (Cure Parkinson’s), Детската болница во Бирмингем и Детската болница „Акорн“. И Ози и неговата сопруга Шерон Озборн ги поддржуваат добротворните цели.
– Тоа брилијантно нѐ изненади и ние сме пресреќни!, изјави Шиба Али, менаџер за собирање средства во добротворната организација на Детската болница во Бирмингем.
Околу 40.000 посетители се собраа на „Вила парк“, а 5,8 милиони луѓе го гледаа концертот преку интернет.