Изложба на уметничка фотографија од авторот Виктор Трајковски ќе биде отворена вечер со почеток во 20 часот, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, информираа од Националната установа. Изложбата е насловена „Street life“.
Трајковски повеќе од десет години е посветен на улична фотографија, истражувајќи го човечкото присуство, движењето и светлината во јавните простори. Учествувал на групни изложби организирани од фото-кино клубот „Козјак“ во Куманово и освоил бројни награди на меѓународни и национални фотографски изложби. Неговата главна инспирација е Алекс Веб, особено за неговата употреба на боја, композиција и слоевитост во уличната фотографија. Виктор продолжува да создава со длабока страст за секојдневниот живот и уметноста скриена во него. Активен член на Фото клуб Куманово. Изложбата ќе биде отворена до 24 јули, годинава.