Бројот на загинати во катастрофалните поплави во американската сојузна држава Тексас се искачи на најмалку 120 лица, јавуваат американските медиуми, повикувајќи се на локални власти.
Најпогодена е областа Кер Каунти, каде што се потврдени 96 жртви, од кои 36 се деца, повеќето сместени во христијанскиот летен камп „Мистик“. Според извештај на службата за одговор при поплави, уште шест лица од кампот – пет деца и еден воспитувач – се водат како исчезнати.
Дождовите почнале во раните утрински часови во петокот, а реката Гвадалуп се излеала зголемувајќи го нивото за речиси осум метри за помалку од еден час.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, изјави дека над 2.200 лица се вклучени во спасувањето, а тешки услови и натаму има во Централен Тексас, Хил Каунтри, Биг Каунтри и Кончо Вали.
Во соседно Њу Мексико, три лица – возрасен маж и две деца на возраст од 4 и 7 години – загинале во поплава во планинското гратче Риудосо.
Гувернерката на државата, Мишел Луџан Гришем, прогласи вонредна состојба со цел пристап до федерални ресурси. Таа напиша на Фејсбук: „За оваа криза е потребна итна акција.“
Научниците сметаат дека климатските промени водат кон зголемена зачестеност и интензитет на ваквите екстремни временски услови, поради затоплувањето на океаните и покачените нивоа на морето.