Северниот Атлантски Океан содржи околу 27 милиони тони нанопластика, според ново истражување објавено од Институтот за морски истражувања на Холандија (NIOZ) и Универзитетот во Утрехт.
Истражувањето покажува дека количината нанопластика во горните 10 метри од океанската површина е значително поголема од досега проценетата.
Нанопластичните честички, со големина помала од една илјадитинка од милиметар, биле пронајдени во примероци од 12 различни локации низ Атлантикот. Просечната концентрација на длабочина од 10 метри изнесувала 18,1 милиграми на кубен метар вода, додека на морското дно 5,5 милиграми. Највисоки вредности се измерени во близина на европските брегови – 25 милиграми.
Професорот Хелге Ниман од NIOZ изјави дека овие честички можат да навлезат длабоко во човечкото тело, па дури и во мозочното ткиво.
– Сега, кога знаеме колку се распространети во океаните, очигледно е дека продираат низ целиот еко-систем – од бактериите и микроорганизмите до рибите и луѓето. Како тоа влијае на екосистемот, допрва треба да се испита, рече тој.
Научниците нагласуваат дека овие честички не можат да се отстранат, па затоа е клучно да се спречи понатамошно загадување.