Два случаи на антракс и еден на маларија се потврдени во Романија. Националниот институт за воено-медицински истражувања и развој „Кантакузино“ синоќа ја потврди дијагнозата на антракс кај две лица примени во Националниот институт за заразни болести „Д-р Матеи Балс“ во Букурешт.
Министерството за здравство информираше дека двајцата пациенти се во стабилна состојба и под медицински надзор.
Едниот пациент има лесна форма на болеста, а неговиот син – со умерена, но без ризик од компликации. Пациентите добиваат третман и соодветна медицинска нега.
Министерството за здравство додаде дека пациентите преработувале и консумирале овчо месо од сопствената фарма. Според лекарите, постои минимален ризик од пренесување на болеста на луѓето.
Министерството за здравство во Букурешт синоќа потврди и случај на маларија во Букурешт.
Дијагнозата е потврдена кај 69-годишен маж од Букурешт, кој се лекува во Клиничката болница за заразни и тропски болести „Д-р Виктор Бабеш“.
Пациентот е во стабилна состојба и е подложен на специфичен третман.
Според достапните информации, тој не патувал скоро во странство. Дирекцијата за јавно здравје во Букурешт спроведува епидемиолошка анкета за случајот.
Од почетокот на годината, во Романија се потврдени 21 случај на маларија кај луѓе кои патувале во земји каде што болеста е распространета.