На повеќе локации во Скопје и околината од вторник, 15 јули, до крајот на август ќе се снима осмиот игран филм по сценарио и режија на Милчо Манчевски – „Збогум, Копакабано“, со работен наслов „Биста“. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и со меѓународна екипа од Македонија, Србија, Италија, Велика Британија, Албанија и Бугарија.
Се работи за социјална трилер-комедија за брат и сестра – Виктор, момче со интелектуална попреченост, и Малина (ги играат актерите Филип Трајковиќ и Сара Климоска) кои крадат бисти низ Скопје.
Режисерот Манчевски на прес-конференција со дел од екипата рече дека мото на филмот е „Брат, сестра и шахта“ и најави дека „ќе биде смеење низ солзи“.
-Филмот е за сестринска љубов, за саможртва, за добри и лоши луѓе, за богати и сиромашни, за слепи и окати, за тоа како живееме, како умираме и како се смееме, истакна Манчевски.
Работниот наслов „Биста“ е променет во „Збогум, Копакабано“ затоа што барал повесел наслов. Изведен е од прекарот на малото сиромашно село (според табла таму на која е напишано „Кино Копакабана“) каде што живеат главните ликови. Како што рече, Копакабана секогаш буди нешто разиграно и весело, а се врзува и со босановата и фудбалот.
Приказната за филмот е напишана пред три години и доби поддршка на Конкурсот на Агенцијата за филм во 2022 година како проект од национален интерес, но бил блокиран затоа што Манчевски пријавил корупција. Биле спремни тогаш да почнат со снимање, но, рече, проектот „бил блокиран како одмазда од филмската мафија“ која тој ја пријавил за корупција.
-Тоа траеше скоро три години. Во меѓувреме ние добивме две правосилни судски пресуди со кои се потврди дека конкурсите во Агенцијата тогаш беа местени, се потврди дека незаконски ме блокираа. На крај Агенцијата ги испочитува резултатите на конкурсот пред две и пол – три години и, еве, снимаме филм, рече Манчевски, додавајќи дека потврда за неговата пријава добиле и од надлежни институции – ДКСК, ДЗР, Транспаренси интернешенл, како и од филмската фела, меѓу кои и од Венецискиот фестивал.
Продуцент на филмот е Јане Ќортошев, кој третпат соработува со Манчевски, по претходните филмови на режисерот „Врба“ и „Кајмак“.
-Ме радува секое ново дело на Милчо, и работата со сите пријатели. Предизвик беше да се стигне до тука по сите перипетии што ги имавме. Но, еве, тука сме, подготвени сме и тргнуваме на 15 јули, рече Ќортошев.
Соопшти дека до крајот на август ќе имаат 30 дена за снимање. Меѓу локациите ќе биде и Скопскиот аквадукт во Визбегово и додаде дека „ова значајно наше културно наследство конечно ќе биде запечатено на филм и потоа ќе биде уште попосетуван“.
Покрај Трајковиќ и Климоска, во актерската екипа се и: Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Дејан Лилиќ, Јордан Симонов, Јасмина Василева, Стефан Николовски, Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Дејвид Манс, а кинематографер е Стефано Фаливене, кој првпат е во проект на Манчевски и има богато професионално искуство и соработки со холивудски актери и режисери.
Музиката дополнително ќе се избира. Според режисерот, насловот на филмот треба да се цитира и во музиката, така што ќе има верзии од бразилската босанова.
Покрај од Агенцијата за филм, проектот е помогнат од три други национални филмски фондови – од Бугарија, Србија и Албанија, копродуцентите се од Италија и Албанија, а поддршка има и од домашни компании и институции.