Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека во нападот при увид на дивоградба во скопската општина Чаир врз градоналаничката на Град Скопје Данела Арсовска имало физички контакт, но, дека е лага и повторен обид за манипулација на јавноста тврдењето оти тоа се случувало пред припадници на полицијата.
Тој во интервју за Телма вели дека Министерството за внатрешни работи постапило во два случаи и дека се отворени дисциплински постапки против полициски службеници за случаи кои ги пријавила Арсовска, но истакна дека таа и покрај тоа што била повикувана во полиција да пријави одбивала да доаѓа, а во исто време објавувала на социјалните медиуми.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска тврди дека денеска при увид и инспекциска контрола на дивоградба во Општината Чаир, таа и екипата која била со неа, биле нападнати прво вербално, потоа физички, со клоци и тоа пред припадници на МВР. Лицето кое, како што вели, најверојатно е сопственик на дивоградбата и се заканувало нејзе и на нејзиното семејство.
По нападот, таа се обратила во Ургентниот центар „8-ми Септември“, каде и била укажана лекарска помош.
Арсовска по излегувањето од здравствената установа во изјава за медиумите рече дека лицето било затекнато како краде струја, вода, оти нема платено ниту еден денар, ниту данок, ниту комуналии, ниту на Градот, ниту на било кое друго место. Градоначалничката вели дека лицето нема никакво одобрение и никаква документација за градбата.