Менaџерот на Ливерпул, Арне Слот, со емотивни зборови се обрати по трагичната смрт на Диого Жота и неговиот брат Андре, изразувајќи длабока тага и гордост за она што го претставуваше Диого како човек и како играч.
Во интервју за официјалниот сајт на клубот, Слот изјави:
„Прво чувствувате тага. Но потоа чувствувате и гордост. Диого беше човек со огромен карактер. Неговите родители, Руте и сите блиски, можат да бидат горди што тој беше тоа што беше.“
Тој се осврна и на поддршката од навивачите:
„На овој клуб навистина не му требаат трофеи за да покаже колку е голем. Во вакви моменти сфаќате што значи Ливерпул.“
Слот откри и како им се обратил на играчите на првиот тренинг по веста за трагедијата:
„Им реков: ако сакате да се смеете, смејте се. Ако сакате да плачете, плачете. Ако сакате да тренирате, тренирајте. Ако не можете – не мора. Сè што чувствувате, е во ред.“
Но потоа, им дал и конкретна насока како да продолжат:
„Им кажав – направете го она што го правеше Диого. Кога беше најтешко, тој секогаш беше тука. Работеше тивко, со срце, со насмевка. Тоа е начинот на кој можеме да продолжиме – ако не за себе, тогаш за него.“
Клубот веќе официјално го пензионираше дресот со број 20 кој го носеше Жота, а Слот вели дека тоа било најмалото што можеле да го направат:
„Никој повеќе нема да го носи тој број. Тоа беше Диого. И секогаш ќе биде.“
Анфилд останува во знакот на цвеќиња, шалови и пораки од фановите, а клубот најави и посебна комеморација пред првиот натпревар од новата сезона.
Ј. Ѓ.