Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, заедно со заменичката министерка за спорт, Сафие Садики, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу и пратеничката Фериде Хаџиу го претставија проектот за реконструкција и изградба на помошното спортско игралиште во рамки на стадионот на ФК Шкупи.
Помошното спортсо игралиште ќе има должина од 80 метри и ширина од 50 метри, опкружено со заштитни зони од по 3 метри од сите страни. Проектот ќе се реализира согласно меѓународните стандарди на ФИФА, со висококвалитетна вештачка трева, атмосферски систем за одводнување кој овозможува користење и при неповолни временски услови, како и целосно осветлување за употреба во различни делови од денот и вечерта.
Според Меџити, оваа инвестиција претставува конкретен чекор кон подобрување на спортската инфраструктура во Општина Чаир и создава подобри услови за тренинг и професионален развој на младите љубители на фудбалот.
„Нашата цел е да создадеме што повеќе простори и можности за нашата младина, поддржувајќи ги на нивниот пат кон успехот“, истакна заменик-претседателот на Владата, Меџити, за време на презентацијата на проектот.