Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Со музичка позадина од патриотската песна „Слушам кај шумат шумите, плачат за војводата“, премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во луксузно, најверојатно службено возило, го сефтосале автопатот Кичево – Охрид, при пуштањето на првите 20 километри. Во разговорот меѓу нив, премиерот заклучува – „Проблемите да ги оставиме во минатото, било што било. Сега да гледаме напред. Граѓаните нè избраа да ги решаваме тие проблеми. Ако беше лесно, немаше сигурно да бидеме ние“, завршува промотивното видео креирано од ВМРО-ДПМНЕ.
Автопатот Кичево-Охрид ќе остане синоним за корупција од „бомбите“ што ги слушнавме дека тогашниот премиер, сега бегалец во Будимпешта, Никола Груевски со Миле Јанакиевски се договараа „да не се претераат ако побараат 5% провизија од жутите“ за кое доби затворска казна од 3 години.
Пред повеќе од 11 години, со поставување на камен темелник во близина на кичевското село Извор, на 22 февруари 2014 година, беше означен почетокот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, инвестиција вредна 375 милиони евра. Изведувач беше кинеската фирма „Синохидро“ а средствата за инвестицијата беа обезбедени преку кредит од кинеската Ексим банка. Подоцна инвестицијата достигна скоро 600 милиони евра.
Меѓутоа, повторно ќе се зголеми кредитот за доизградба на автопатот Кичево-Охрид, најави актуелниот премиер Христијан Мицкоски, ден по пуштањето на околу 20 километарската делница, но не прецизираше колку точно ќе изнесува новата корекција на цената на автопатот, но како причина го наведе стабилизирањето на свлечиштата за кои очекува да се завршат на почетокот на 2027 година.
„Ова не е само инфраструктурен проект, туку симбол на враќање на довербата. Само една година по преземањето на власта, Владата успеа да го откочи проектот кој беше заглавен седум години“, се пофали премиерот Мицкоски.
Автопатот Кичево-Охрид се гради од 22.02.2014, односно точно 11.5 години, 137 месеци, 4,155 дена. Или уште попластично, годишно се градеа по 2 километари.
„Историски успеси“ на сметка на „историски лаги“
СДСМ тврди дека во 2017 кога дошле на власт наследиле хаос, лоши проекти, нерешена експропријација и дури траса која минува преку водоснабдителен резервоар. Според нив, тие се тие што ја „спасиле“ работата и довеле до 83% реализација.
Кичево–Охрид е симбол на погрешен избор на модел на изградба од страна на ВМРО-ДПМНЕ – проект започнат од Груевски само за политичко сликање, без геомеханички испитувања, без комплетен основен проект и со штетни последици за граѓаните.
ДУИ од друга страна, тврди дека Коридорот 8 е „нивно чедо“, и дека токму тие го истуркале проектот и го бранеле кога другите го саботирале. Одеднаш, сите се „родители“ на истиот пат.
„Оние што денес го нарекуваат „историски проект“, се истите што порано го нарекоа „проект со епски криминал“, го отфрлаа со жестина и го попречуваа со сите средства. Една од првите одлуки на оваа влада – без етнички легитимитет – беше токму укинувањето на изградбата на тунелот меѓу Гостивар и Кичево, а потоа и блокирањето на теренските работи со месеци.
Се јави и бегалецот од Будимпешта
Поранешниот премиер, Никола Груевски, од Будимпешта на својот Фејсбук профил тврди дека во 2017 година го оставил автопатот со 45% завршени работи и траса пробиена 95%, со обезбеден кредит под поволни услови.
„Се сеќавам и дека подоцна со злоупотреба на некои манипулирани аудио материјали, тврдеа дека наводно јас и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески сме говореле за некакви провизии. Разговор за провизии никогаш не сме имале, но се сеќавам дека сме имале разговор околу тоа колку проценти од износот на работите да биде изведбената гаранција на изведувачот Синохидто, разговор со чии делови можеби ја направиле манипулацијата во која многумина поверуваа“, пишува Груевски.
Секој метар автопат сега се користи како политичка предизборна кампања. Наместо инфраструктурата да биде нешто што ги обединува граѓаните и институциите, таа станува уште една платформа за евтин пи-ар, присвојување и обвинување пред локалните избори.
Автопатот не е приватна сопственост на ниту една партија, тоа е на граѓаните. Не е за промоција, туку за користење. Граѓаните не се интересираат дали некој бил на терен со шлем и жолти чизми – туку дали конечно ќе стигнат побрзо, побезбедно и поевтино од точка А до точка Б.
Премиерот Мицкоски не се срами да зборува за „патишта на надеж“, додека се служи со манипулации, нетранспарентност и контра-обвинувања. Многу поважно од тоа кој ќе пушти делница е тоа – дали изградбата била ефикасна, колку чинела, дали имало корупција и колку пенали ќе плаќаат граѓаните за ненавремена изградба?
Но за тоа – молк.
Во суштина, граѓаните повторно остануваат заложници на политичките наративи. Наместо власта и опозицијата да се натпреваруваат кој ќе донесе подобри услови за живеење, тие се расправаат кој прв фрлил лопата на темелите, кој ја исече црвената лента…
Граѓаните заслужуваат функционална инфраструктура – а не препукување околу тоа чии се успехот и заслугите.
Преземено: Цивил Медиа