Пишува: ДИЈАНА ТАХИРИ
Во контекст на „големи странски инвестиции“, градење автопати со децении – а плаќање и плаќање патарини, мислиш возиме по некоја ѕвездена патека, политичка и секаква моќ а нула одговорност, со еден збор арамилак, ќе споделам нешто од моето детство, верувам слично на многу мои врсници.
Не дека нема за што друго да се пишува или дискутира, како што е здравството, инфраструктурата (градска), јавен превоз, (не)чисти улици, блокирање секаков општествен и политички напредок во прилог на слободно ( читај неконтролирано) делување на власта, корупција корупција корупција и така натака. Има, уште повеќе, но, се потсетив, случајно, на некои многу тривијални (за некого) работи од минатото, барајќи овошје низ дворот, кое за жал годинава го нема како претходните години, поради временските услови.
Кога бев дете, со моите другарчиња во потрага по нови места за криење, знаевме да влеземе во туѓи дворови, па и ниви понекогаш.
Сите имавме свои дворови и градини со овошје, ама редовно ќе се послужевме и со понекое овошје од туѓите градини, како и други деца, но понекогаш и возрасни. Речиси секојпат ни беше срам што “крадевме” по две три кајсии, праски или гроздови, до толку што еднаш ги оставивме праските под дрвото од кое ги скинавме, демек еве ги вративме.
Детска логика, чиста, без трунка злоба… Сите ние ( што крадевме овошје) пораснавме и еве веќе старееме со длабоко чувство на лична одговорност и прекор, во добри родители и општествено свесни индивидуи. Деца на уште подобри родители.
Се прашувам како растеле сите овие лопови, што е причината за толкава алчност и нечовечност? Многу се, пола држава!
Преземено: Цивил Медиа