По осум месеци пауза, повторно е пуштена во употреба една од најубавите железнички линии во Европа – историската Таурн пруга, која го поврзува Салцбург со Корушка, отворајќи пат кон Јадранот, пренесува putnikofer.hr. Станува збор за една од клучните трансалпски железнички рути, која по обемна реконструкција, повторно го враќа железничкиот сообраќај низ спектакуларниот алпски пејзаж.
Пругата, која води од Шварцах-Занкт Фајт во покраината Салцбург до Шпитал ан дер Драу во Корушка, беше затворена кон крајот на 2024 година поради лизгања на земјиште и потреба од инфраструктурна санација. Повторното отворање овозможува враќање на популарните меѓународни линии како ноќниот воз од Штутгарт и Салцбург до Венеција, како и Nightjet возот од Минхен до Рим, кои повторно минуваат низ срцето на Алпите.
Претседателот на Управата на Rail Europe, Бјерн Бендер, за Guardian изјави дека оваа пруга има стратешко значење за железничкото поврзување на Баварија со Словенија и североисточна Италија, и дека ова е само почеток. Во декември се очекува и отворање на новиот тунел Коралм, кој значително ќе го скрати патувањето меѓу Виена и Клагенфурт.
Таурн пругата е отворена во 1909 година како дел од големиот инфраструктурен проект на Хабсбуршката монархија. Нејзиното значење не било само инженерско, туку и политичко – со цел подобро поврзување со јадранските пристаништа. Дури и царот Франц Јосиф присуствувал на отворањето, нагласувајќи ја симболиката и важноста на оваа пруга.
Патувањето по оваа рута е доживување само по себе – од долината на реката Залцах, преку планинските предели околу Бад Гаштајн, па сè до Тауерн тунелот, од каде возот излегува во сончевата Корушка. Со максимална брзина од 80 км/ч, патувањето дозволува целосно уживање во алпските глетки, далеку од брзањето и стресот на модерниот транспорт.
Обновата на Таурн пругата е дел од поширок бран на вложувања во железничката инфраструктура во Алпите. Годинава беше повторно отворена и пругата Мон Сенис меѓу Франција и Италија, како и новите линии од Минхен до Анкона и од Варшава до Ријека преку Семеринг пругата. Додека Европа гради брзи линии, ваквите рути потсетуваат дека возењето со воз може да биде уметност – каде патувањето е подеднакво важно како и дестинацијата.
Редакција Фронтлајн