Пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Кога еден министер за да покрие криминал бара оправдување во фактот дека дивоградби немало само во една општина туку имало во целата држава и кога друг министер во влијателно министерство одговорно да сузбивња криминал на темата дивоградби изјавува дека ќе се рушеле тие диви што биле небезбедни и притоа, очигледно дека не алудира на семејни домови туку на комерцијални, на профитни станбени згради, тогаш толку од власта.
Толку од владата.
Ништо од државата.
Ич од ваква Македонија.
Констатацијата на првиот министер и планот на вториот министер, преведени во порака, имплицитно би гласела:
“Градете диво, градете криминално ама бар ѕидајте побезбедно”.
Автори на вчера и денеска изречените констатации и пораки се министрите Изет Меџити и Панче Тошковски па, ако навистина сме држава, а тие се нејзини актуелни управувачи и доколку веќе утре нивниот шеф, премиерот Мицкоски, не отвори постапка за нивно разрешување, тогаш тоа недвосмислено упатува дека да се гради на диво е владина политика.
Дека е државна криминална политика.
И дека оваа влада и овие партии на власт, Македонија ја прават криминално Елдорадо.
И дека веќе ја стокмија како последно балканско дувло во кое криминалот и беззаконието стануваат државни политики.
Криминал и беззаконие како неминовен производ на ветените коалициските партиски доктрини на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН.
Туку, ќе заборавев, Изет, Панче, Христијан, од тоа гајбите по зградите на диво, има ли некоја поевтино? За пријател прашувам.