Израелски напад ја погоди единствената католичка црква во Газа, при што загинаа три лица, а 10 други беа повредени, вклучувајќи го и парохискиот свештеник, кој секојдневно добиваше повици од покојниот папа Франциск, пренесе Гардијан.
Католичката добротворна организација „Caritas Internationalis“ соопшти дека трите жртви се Саад Саламех, 60-годишен домар во црквата „Свето Семејство“, Фумаја Ајад, 84-годишна жена која примала психолошка поддршка во шатор на „Каритас“ во црковниот комплекс кога се случила експлозијата, и Наџва абу Дауд, 69, која седела близу до Ајад.
„Скршени сме од овој последен напад врз луѓе кои едноставно се обидуваа да преживеат и најдоа засолниште во црквата“, рече генералниот секретар на Каритас Интернешналис, Алистер Датон.
„Нивната смрт е болен потсетник за ужасните услови во кои живеат цивилите и медицинскиот персонал под опсада. Жалиме за изгубените животи и ги повикуваме сите страни да ја почитуваат светоста на животот и просторите што го штитат.“, рече Датон.
Гранатирањето на црквата, исто така, го оштети и нејзиниот комплекс, каде што стотици Палестинци, вклучувајќи деца и лица со попреченост, се засолнуваа за време на 21-месечната војна, пишува Гардијан.
Израел издаде ретко извинување и рече дека спроведува истрага.
Д. Т. / Цивил Медиа