Руските трупи ја презедоа контролата врз три села во три различни делови од фронтовата линија што минува низ Украина, соопшти Министерството за одбрана синоќа, јавува Ројтерс.
Официјалните украински извештаи за активности по должината на фронтот долг 1.000 км (600 милји) го оспорија делот од руските информации, особено во врска со клучно село на југоисток.
Според Ројтерс, во извештајот на руското Министерство за одбрана се наведени трите заземени населби како Камјанске во југоисточниот регион Запорижја, Дехтјарне во североисточниот регион Харкив и Попив Јар во регионот Донецк, главниот театар на руските операции.
Руските сили се занимаваат со бавно напредување кон запад, главно низ регионот Донецк, а Москва речиси секој ден најавува заземање на нови села.
Портпаролот на украинската војска, Владислав Волошин, изјави за медиумскиот канал liga.net дека држењето на Камјанске, југоисточно од главниот град на регионот, Запорижја, е важно за да се заштити тој град од напади, пишува Ројтерс.
Во среда, руската војска го објави заземањето на селото Новохацке, југозападно од Покровск. Друг украински воен портпарол, Виктор Трехубов, во четврток за јавниот радиодифузен сервис „Суспилне“ изјави дека селото е во руски раце.
Москва контролира нешто помалку од 20% од украинската територија и вели дека инкорпорирала четири региони – Донецк, Луганск, Запорижја и Херсон во Русија, потег што Кијив и повеќето западни земји го отфрлаат како нелегален, пипува Ројтерс.
Во 2014 година, Русија го зазеде и анектираше украинскиот полуостров Крим, исто така барање кое е широко оспорено на меѓународно ниво.
Д. Т. / Цивил Медиа