Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и градоначалникот на Општина Желино, Блерим Сејдиу, денеска потпишаа договор за реализација на инфраструктурен проект од особено значење за локалното население. Станува збор за уредување на речното корито во село Копачиндол, инвестиција во вредност од 6.062.922 денари, со која се очекува значително да се подобри безбедноста на теренот и да се намалат ризиците од сезонски поплави и ерозии, информира Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Овој зафат, освен што ќе овозможи нормално одведување на атмосферските води, претставува и заштита на земјоделското земјиште, домови и патна инфраструктура во непосредна близина на водотекот.
– Овој проект е директен одговор на проблемот што луѓето го имаат со години при секој поголем дожд. Жителите на Копачиндол долго време чекаа на ова и затоа оваа инвестиција ја гледам како директна поддршка за нивната безбедност, но и како знак дека министерството се грижи и за малите места – со исто внимание како и за големите градови, потенцираше Меџити.
Од МЖСПП соопштуваат дека со овој проект, Желино се приклучува на мапата на општини кои активно го менуваат својот еколошки и инфраструктурен амбиент – во чекор со современите стандарди и потребите на луѓето.
Преку Програмата за капитални дотации за 2025 година на МЖСПП се распределуваат околу 2,5 милијарди денари во 51 општина, со цел да се унапреди квалитетот на живот и да се создаде здрава и функционална средина за сите граѓани – без разлика дали живеат во урбани центри или рурални заедници.