Иран планира да ја продолжи својата програма за збогатување ураниум, изјави министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, во интервју за американската телевизија Фокс Њуз, емитувано вчера.
– Не можеме да се откажеме од збогатувањето бидејќи тоа е достигнување на нашите научници. И сега, повеќе од тоа, тоа е прашање на национална гордост“, изјави Арагчи за Фокс Њуз. „Нашето збогатување ни е многу драго“.
Израел го нападна Иран на 13 јуни, бомбардирајќи цели низ целата земја. Израелската влада како оправдување ја наведе контроверзната нуклеарна програма на Техеран и своите сомнежи дека Иран планира да изгради нуклеарна бомба. Иран, кој го негира ова, одговори со ракетни напади и напади со дронови врз Израел.
По 12 дена војна, за време на која САД го фрлија своето најмоќно конвенционално оружје врз клучна иранска нуклеарна локација, сега е во сила прекин на огнот.
Арагчи изјави дека иранските нуклеарни постројки биле „сериозно“ оштетени во американските напади и дека сите капацитети за збогатување засега се прекинати, пренесе ДПА.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „апсолутно“ би размислил повторно да го бомбардира Иран доколку земјата збогати ураниум на повисоко ниво.
Преговорите меѓу Иран и Е3 државите – Германија, Франција и Велика Британија се планирани за в петок. Средбата треба да се одржи во Истанбул на ниво на заменици министри за надворешни работи, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеи, според веб-порталот на дневниот весник „Етемад“.
Техеран се надева дека санкциите наметнати на Иран ќе бидат укинати, додека САД и европските земји се обидуваат да го ограничат збогатувањето ураниум од страна на Иран и напредокот кон нуклеарно оружје. Техеран отсекогаш инсистирал дека неговата нуклеарна програма е мирољубива.