Убивањето цивили на кои им е потребна помош во Газа е неоправдано, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во објава на Икс.
– Сите опции остануваат на маса доколку Израел не ги исполни своите ветувања, потенцира Калас.
Таа информира дека денеска разговарала со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар, со цел, како што наведува, да го потсети на договорот меѓу ЕУ и Израел за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа.
– Јасно ставив до знаење дека Израел мора да престане да убива луѓе на местата за дистрибуција, додаде Калас во објавата.
Портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ал Ануни на денешната прес-конференција во ЕК порача дека ЕУ ги осудува нападите врз центрите за дистрибуција на хуманитарна помош од страна на израелските сили за време на изминатиов викенд.
– Го повикуваме Израел да ги спроведе своите обврски без понатамошно одлагање. За волја на вистината, Израел исполни некои обврски, но треба уште многу да се направи, истакна Ал Ануни.
Тој додаде дека во тек е имплементација на договореното меѓу ЕУ и Израел и дека Калас на секои две недели ќе ги известува земјите членки за напредокот или недостатоците во спроведувањето на Договорот, по што министрите за надворешни работи на Унијата на својот неформален состанок кон крајот на август ќе разговараат за следните чекори.
На прашање дали смета дека е тоа премногу долг период, од сега, па до крајот на август, за преземање некакви мерки, Ал Ануар одговори дека ЕУ постојано врши притисок врз Израел за спроведување на договореното и дека каналите за комуникација се отворени.
– Во дипломатијата не е се црно или бело или отворено или затворено. Работиме во утврдена рамка и нема да ја занемариме целта за спасување животи на терен, рече Ал Ануни, додавајќи дека нема поставено краен рок за исполнување на обврските, туку е значајно да се видат опипливи резултати од напорите што ги презема Израел на терен.