ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организацијата за човекови права изразува најдлабока осуда на масовното изгладнување во Газа, каде што населението веќе се наоѓа во петтата и најтешка фаза на акутна неухранетост (IPC Фаза 5 – „катастрофа“) според меѓународните проценки. Гладот повеќе не е закана – туку сурова реалност, со бројни регистрирани смртни случаи од глад, вклучително и деца. Геноцидот доби ново лице – МАСОВНО ИЗГЛАДНУВАЊЕ.
Според последните извештаи на Обединетите нации и локалните здравствени власти:
- Над 59.000 Палестинци се убиени од почетокот на конфликтот во октомври 2023 година.
- Најмалку 111 лица – од кои најмалку 80 деца – починале директно од глад.
- Во само 24 часа, регистрирани се 15 нови смртни случаи од малнутриција, меѓу кои 4 деца.
- Над 1.000 лица биле убиени додека се обидувале да добијат хуманитарна помош или храна.
- Болниците се преполни, а лекари паѓаат од исцрпеност додека се обидуваат да спасат животи.
Целиот цивилен живот во Газа е под егзистенцијална закана. Со системско ограничување на пристапот до храна, вода и лекови, цивилното население ,особено децата – е оставено без основни средства за преживување. Ова е масовно кршење на меѓународното хуманитарно право и Женевските конвенции.
ЦИВИЛ упатува итно барање до меѓународната заедница и сите меѓународни институции:
- Итно отворање на хуманитарни коридори за непречено доставување храна, вода и медицинска помош.
- Гарантиран безбеден пристап за хуманитарните организации и нивните екипи на терен.
- Престанок на сите напади врз цивилни цели, вклучувајќи болници, магацини за храна и центри за дистрибуција.
- Итно мобилизирање на меѓународна хуманитарна поддршка и финансирање на организациите што делуваат на терен.
- Притисок врз сите засегнати страни да го почитуваат меѓународното право, особено обврската за заштита на цивилното население.
Секој ден од одложување значи изгубени животи. Светот мора да делува веднаш – не за хуманитарна солидарност, туку за спасување човечки животи!
ЦИВИЛ ја повикува јавноста, граѓанските организации, медиумите и политичките лидери да го кренат својот глас и да се приклучат кон притисокот за итно дејствување.
ЦИВИЛ
Преземено: Цивил Медиа