Крајбрежната служба на Грција утрово спроведе две акции за спасување на вкупно 152 мигранти, кои се пренесувале со четири чамци во морскиот дел јужно од островите Крит и Гавдос, јави дописничката на МИА од Атина.
Во првиот случај, биле откриени и спасени 113 лица со три чамци јужно од Гавдос, а во акцијата учествуваа патролен брод на Крајбрежната служба, спасувачки брод, брод на Фронтекс, како и товарен брод што плови во близина под знаме на Сингапур.
Спасените мигранти биле безбедно пренесени на пристаништето во Гавдос.
Втората акција е за спасување на 39 мигранти јужно од Крит, лицата биле спасени и пренесени на пристаниште на островот.
Поради зголемените мигрантски бранови во јужна Грција, пред две седмици грчкиот Парламент го изгласа амандманот што предвидува во следните три месеци да биде суспендирано поднесувањето барања за азил од лица од северна Африка, кои нелегално влегле во земјата со пловно средства, а мигрантте без регистрација, ќе се враќаат или во земјата од која дошле или во земјата на потекло.
Министерот за миграција и азил Танос Плеврис во изминатите денови посочуваше дека сите мигранти кои од Либија нелегално влегуваат во Грција ќе бидат уапсени и пренесени во притвор се до нивното враќање назад.