Во источниот дел на областа Атика, поширокиот регоион на Атина; во северна Грција; на островите Евија и Китира, како и во јужниот дел на Пелопонез, попладнево се активни големи пожари, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени низа пораки до жителите на зафатените области, јави дописничката на МИА од Атина.
Во пожарот во централна Евија, изгореа две противпожарни возило, а четворица пожарникари со полесни повреди на рацете и очите и со респираторни проблеми биле префрлени во болница.
Интервенираат 115 пожарникари со шест пешадиски тима, 24 возила, седум хеликоптери и шест авиони.
Над 100 пожарникари, како и пет воздушни средства интервенираат и во пожарот во Дросопиги, во источниот дел на областа Атика, што се наоѓа на околу 30 километри од центарот на Атина и ситуацијата е вон контрола, а неофицијално огнените јазици зафатија и неколку куќи.
На Китира, исто така, ситуацијата е вон контрола, пожарот е во централниот дел на островот и беа евакуирани неколку населени места.
А речиси слична е ситуацијата и во областа Месинија на Пелопонез и во северниот дел на Грција меѓу градовите Птолемаида и Кожани.
Во сите пожари, беа превентивно евакуирани жителите на населените места во непосредна близина на огнената стихија, откако од бројот 112 за итни случаи беа испратени соодветни пораки.
За Атика, Евија и за дел од Пелопонез за денеска имаше предупредување за екстремно голема опасност од пожари, категорија пет, што воедно е и највисоката категорија во прогнозите за опасност од пожари на Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција.