Парламентарците во Собранието на Косово не успеаја да формираат комисија за избор на претседател на Парламентот, со што заврши 53-тиот обид за конституирање на тоа тело, а продолжението на седницата на собранието е закажано за вечерва во 22:00 часот.
Претставниците на Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) и Алијансата за иднината на Косово не предложија членови на изборната комисија за тајното гласање.
Тие побараа од претседателот, Авни Дехари, да ја врати постапката на јавно гласање и да ја почитува одлуката на Уставниот суд на Косово.
Дехари ги прекина сите во говорите со исклучување на микрофонот.
Од 107 пратеници присутни на седницата – 56 гласаа за формирање на комисијата.
Дехари ја прекина седницата и го најави продолжението за вечерва во 22:00 часот.
Како што изјави, ќе се обиде да најде решение и да го конституира парламентот пред да истече рокот утврден од Уставниот суд – а истекува вечерва на полноќ.
После тоа, објасни тој, нема можност до 8 август да се продолжи со седницата – што е уште еден рок утврден од Уставниот суд, или како што тој суд ќе утврди што да се прави понатаму.
Доколку парламентот не се конституира и денеска, според одлуката на Уставниот суд, од 27 јули до 8 август ќе биде на сила привремена забрана за седниците на Собранието на Косово.