Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
По откажувањето на двете најголеми македонски партии од кандидирање на свои кандидати во многу општини во Западна Македонија, најчудна е ситуацијата во Струга. Засега, како што стојат работите двете големи коалиции од албанскиот блок ќе подржат еден кандидат. Навидум тој е независен, иако се говори дека тој бил кандидат на поранешниот градоначалник од Алијансата – Села, кој во мигот е во коалиција со ДУИ! Се чини оваа кандидатура е подготвувана како поширока стратегија која на некој начин ги надминува оние кај македонските партии, посебно кај ВМРО ДПМНЕ кои генерално не сакаат да му прават конкуренција на ВЛЕН?!
СДСМ секако ја проценува својата капацитетска (не)моќ и оди само на кандидирање на листи на советници, иако фактот дека се откажува од трката за градоначалник отвора простор во Западна Македонија да се јави некаква трета партија која ќе го пополни празниот простор и ќе си обезбеди нови, па и неочекувани симпатизери.
Случајот со Тетово каде претседателот на ВМРО Народна, Љубчо Георгиевски „истрчува на терен“ јасно покажува дека има нос да биде добар тактичар и од нулата да добие некаква математичка вредност, било каква. Дали и во случајот со Струга нема да се со Струга, нема да се појави некаков сличен претендент, да речеме од Левица? Мудри партии треба да мислат и на такви опции, ако сакаат да останат во нешто што би се нарекло политичка кондиција.
Да не должиме уште со оваа дилема над која инаку лебди едно основно прашање – треба ли да има избори со еден кандидат? Па кога еднаш на локални избори во Струга истрчаа заедно и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа напаѓани со дрвја и со камења, посебно тогашниот шеф на социјалдемократите, Црвенковски, за некакво – условно – антиалбанство. Добро, дали сега истите критичари ќе се јават да приговорат на оваа тактика на двете најголеми албански коалиции? Треба да говориме отворено за вакви ситуации ако сакаме да сме демократско општество. Каде правото на избор, значи на избирање меѓу различни опции е основно правило на таквите слободарски системи!
Наводно независниот кандидат за градоначалник на Струга е Менди Ќира кој ја објави јавно својата кандидатура. Вели дека ја има поддршката од бизнис заедницата, која барала јасни насоки како ќе се развива градот во иднина. Видливо е дека долгогодишното владеење на актуелниот градоначалник Мерко не дозволила овој град да биде дел од една прифатлива заедница, пред сè, таква во која би се почитувале правото и правдата.
„Како стружанец, им одговарам на овие повици и ја преземам оваа обврска со целосна убеденост. Ние сме граѓани на овој благословен град. Делуваме и живееме за Струга, а секој личен успех што сум го постигнал им го посветувам на луѓето од овој град. Го нарече градот благословен, а рече дека не излегува како кандидат „против никого“, како што јавноста ја сфаќа кандидатурата, бидејќи, на врвот на ДУИ му е тешко да му рече „не“ на својот моќен член, ама од друга страна, нивниот вечен кандидат влезе на американската црна листа и има серија обвиненија против него. Просто се смета за пример за корумпирлив функционер.
Една од поновите, доста свежи афери, која ја лиферува Фактор.мк, говори за уште една сериозна истрага силно поддржана од органи и тела на ЕУ со која повторно се стрела кон актуелниот лордмер Мерко, иако формално тој има некаква преграда пред себе. Имено, во обвинителството, Финансиската полиција, Министерството за образование и наука, но и Европската комисија, Канцеларијата за борба против измами (OLAF) во Брисел и Делегацијата на ЕУ во Скопје стигнаа наводите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која излезе со соопштение во кое кажа дека имало индиции за сериозни пропусти и потенцијална злоупотреба на пари во врска со доделувањето средства на Меѓународниот универзитет во Струга, пишува Фактор.мк.
Која е преградата за Мерко? Овој универзитет, според официјалните документи е во сопственост на „Еуро Колеџ“ ДОО од Струга, чиј краен сопственик е Арменд Кадриу. Во сопственичката структура беше и Генц Мерко, син на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, но годинава, тој формално го препушти сопственичкиот удел на партнерот Кадриу.
„Постапувајќи согласно своите надлежности, по споделена информација со Европската комисија, изврши вонредна проверка (ECHE Check) на исполнувањето на условите за користење на статусот „Erasmus Charter for Higher Education“ (ECHE) од страна на приватна високообразовна институција – Меѓународен универзитет во Струга – поради основани сомнежи за евентуални неправилности во примената на принципите и критериумите на Еразмус+ програмата, а овозможени од внатрешно вработени лица во Агенцијата. За некои од нив, Европската Унија веќе констатирала „фамилизација“ со корисници во делот на високото образование“, стои во соопштението, да се вратиме за час на него.
Универзитетот претходно доби и лиценца дури и за медицински науки, но истата беше одземена по промената на власта.
Кога веќе говориме за враќање на претходните прашања и дилеми, одново да се запрашаме. Што ако се запрашаме – што значи тоа ако две коалиции драстично различни по своите концепции во албанскиот блок се обединат за иднината на еден град. Во изјавите на кандидатот Ќира нема ништо за тоа како тој ја замислува иднината на градот, на економски, урбан, еколошки, секако и туристички план. Како фактот дека го поддржуваат „сите“ албански партии да е единствената битна поддршка!
Колку за македонските партии, тие своите амбиции, кои исто така треба да се видат на локалните избори, како да си ги фрлиле во Дрим и чекаат тој да ги однесе во некоја Недојдија. Не се од тука, нели?